
Зборовите ни служат за комуникација и честопати не се совршени. Значењето на некои зборови за еден човек може да биде различно од значењето што го имаат за друг човек. Разбирањето на зборовите, откривањето на нивното значење често пати зависи од контекстот во кој првпат бил употребен тој збор.
Кога одгледуваме дете, се служиме и со зборови, но и со невербални пораки. Невербалните пораки, нашите постапки и однесувањето влијаат на детето повеќе од самите зборови. На детето во текот на растењето му испраќаме многу пораки. Некои може да имаат и негативен одраз на растењето, особено ако се повторуваат. Детето учи дека ќе биде прифатено и дека родителот ќе му биде благодарен ако ја уважило неговата порака. Еден дел од детето потиснува, детето се учи да се прилагодува. Кога ќе порасне и понатаму ќе живее под притисок на родителските пораки и ќе му биде тешко да се ослободи. Во трансакциската анализа се наведуваат пет основни пораки кои на детето му се пренесуваат пред се невербално, а потоа и вербално:
1. Биди совршен!
Оваа порака пред се се однесува на ставот дека ништо не треба да биде препуштено на случајот и дека треба да се проверат сите поединости. Под влијание на овие пораки луѓето стануваат отежнати за комуникација, прашувајќи се често пати да не заборавиле нешто и затоа настојуваат да држат се под контрола. Спротивната порака би можела да гласи: Треба да ги прифатиме сопствените граници, да се помириме со тоа дека не можеме со се да се справиме, дека не мора да бидеме совршени за да бидеме сакани.
2. Угодувај!
Ова барање се однесува на љубезноста кон сите, на удоволување на другите, а последица на тоа е заборавање на себеси. Не смее никој да биде разочаран од нас и никому да му се каже “не“. Спротивно на тоа, на детето треба да му се даде до знаење дека има право да мисли на себе, дел од времето да си посветува себеси и дека тоа е важно затоа што само тогаш ќе можеме да се грижиме и за другите.
3. Обидувај се со сета сила!
Оваа порака доаѓа од ставот дека животот е тежок и дека треба да се мачиме за да успееме како и дека мачната работа е повредна од лесната. Последица на тоа е вложување на голем напор во сите задачи, но без вистински успех, а исто така и став дека другите не се трудат доволно. Напротив, родителите би можеле на детето да му препорачаат да работи со свој ритам и со задоволство.
4. Биди јак и не ги покажувај мислите и чувствата!
Воздржаноста и недовербата се особини кои се развиваат под влијание на оваа порака. Таквите луѓе често се затворени, осамени и тешко развиваат подлабоки врски со околината. Спротивно на тоа, детето треба да му се допушти да биде отворено, навистина да каже што мисли и чувствува и дека може да се смее и да погреши.
5. Побрзај!
Оваа порака е сеприсутна во животот на возрасните луѓе. Сите некаде брзаат, не си земаат време за себе и се чувствуваат обврзани да го одржат тој ритам. Корените на таквото размислување се од детството. Родителот би требало да му дозволи на детето само да управува со своето време и да работи со свој ритам. Брзината понекогаш, во тој ритам, може да биде корисна, но не е секогаш неопходна.
Наведените пораки, односно онаа порака која преовладува ќе го обележи целиот живот на детето, како што ги обележува и нашите животи. Не спречува добро да реагираме на околината, да се одрекнеме од сами себе. Кога ќе станеме свесни за тоа, ќе биде полесно да се мисли и да се престане или барем да се намали бројот на негативните пораки кои ги упатуваме на детето.
