Желбата на повеќето родители е детето да им биде успешно во училиште. Еден од предусловите за успешност е и добро развиената говорна компетенција. Говорната компетенција се развива помеѓу другото и врз основа на читачката компетенција.Со читањето децата го прошируваат речникот, начинот на изразување, се поттикнува фантазијата и креативноста како и социјалната способност, што подоцна ќе биде од голема помош при снаоѓање во непознати и нови ситуации.
Читањето е пресудно и за многу други предмети и усвојување на други знаења.
Меѓутоа, што ако детето не сака да чита? Во последно време се почесто се слушаат такви коментари: децата читаат се помалку и се помалку деца читаат со помалку задоволство. Според истражувањата секое десетто девојче и секое петто момче чита дома само затоа што мора, од обврска. Можат ли родителите да направат нешто во врска со тоа?
Прв од низата совети кои можеме да го дадеме на родителите е: читајте им на своите деца. Многу родители мислат дека нема потреба веќе да му читаат на детето ако тргнало во училиште. Вистината е сосема спротивна. Токму кога му читате на детето му ја зголемувате желбата за самостојно читање. Затоа што приказните за деца во прво и второ одделение најчесто се многу едноставно структуирани и банални. Јасно е дека новите читачи, децата кои штотуку го увежбуваат читањето, мора тоа да го прават на поедноставни текстови. Спротивно на тоа, децата уште на претшколска возраст се навикнати и спремни за приказни со посложена структура. Ако посегнат по такви приказни или книги, се случува да им се претешки за читање. Затоа, или се јавува замор или здодевност. Ниту едното ниту другото не поттикнува на читање.
Се сеќаваме ли како ни било убаво кога некој ни читал или ни раскажувал приказна? Или како сега се чувствуваме кога случајно ќе се најдеме во таква ситуација? Затоа е добро за своите деца кои се во помалите одделенија, да посегнеме ние кон некоја посложена книга и да им ја прочитаме. Децата ќе ни дадат еднозначни знаци кога сами ќе сакаат да почнат да читаат. Меѓутоа, токму децата на кои им се читало сакаат да продолжат со тој обичај. Понекогаш доволно е да прочитаме само неколку страници, до делот кога станува напнато, а потоа детето ќе продолжи само. Притоа важно е да се наслушнува интересот на детето. Децата честопати имаат различен вкус од родителскиот. Најчесто ги привлекуваат дела во кои ликовите се една или две години постари од нив.
Децата исто така сакаат кога возрасните се заинтересирани за тоа што тие го читаат и тој интерес во секој случај би требало да се покаже, па макар и да не ни се допаѓа книгата или стрипот кој детето го избрал.
Освен тоа, мора да имаме во предвид дека за читање е потребно време. Оставете им на своите деца време за читање. Попладне без слободни активности, но и без компјутер и телевизија, малку негувана здодевност и родител со книга во рацете е добар поттик за самостојно читање.
